25.02.2022
Mурати : Инклузијата на лицата со попреченост на пазарот на трудот е клуч за подобрувањето на квалитетот на нивното живеење
Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, денес учествуваше на тркалезната маса на тема "Премостување на јазот: Вработување на лицата со попреченост" организирана во рамки на Проектот за поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги, поддржан од Европската Унија.
Мурати во своето обраќање ја истакна посветената работа на Агенцијата за вработување во насока на унапредување на положбата на пазарот на трудот на ранливите категории на невработени лица, меѓу кои спаѓаат и лицата со попреченост.
„Покрај програмите и мерките за вработување дефинирани во годишните Оперативни планови, постојат и други можности за инклузија на лицата со попреченост на пазарот на трудот, а кои се утврдени во Законот за вработување на инвалидни лица и соодветната подзаконска регулатива. Со овие одредби се стимулираат работодавачите од приватниот сектор за вработување на лицата со попреченост, но и за набавка на потребната опрема за вршење на дејноста, како и за адаптација на работното место на кое работат овие лица.“– рече Мурати.
За целите на олеснето вработување на инвалидните лица, формиран е Посебен фонд во рамките на буџетот на Агенцијата за вработување, кој се финансира со 10% од месечниот придонес за вработување.
„Во периодот од 2015-2021 година, преку посебниот фонд доделени се приближно 1.1 милијарда денари, од кои најголем дел се за вработување на 1262 инвалидни лица .
За оваа 2022 година преку Посебниот фонд обезбедени се 305 милиони денари како финансиска поддршка која значително ќе помогне во интеграцијата на лицата со попреченост на пазарот на трудот.“- потенцираше Мурати.
Наскоро ќе започне реализацијата на Оперативниот план за 2022 година, каде учество може да земат сите невработени лица со попреченост и да се вклучат во активните програми, мерки и услуги, согласно нивните интереси, мотивација и можности.