17.02.2022
Mурати во посета на ЦВ Струга и ЦВ Охрид : Наскоро ќе стартува Оперативниот план за 2022 година за чија реализација се предвидени 28 милиони евра
Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати денес ги посети Центрите за вработување Струга и Охрид и со вработените разговараше за доприносот кој тие го дадоа во реализација на Оперативниот план за 2021 година, како и за подготовките за новиот Оперативен план за 2022 година кој е во завршна фаза и наскоро треба да стартува.
„Нашата институција е клучен сегмент во реализацијата на Оперативниот план бидејќи таа секојдевно има директен контакт со корисниците на активните мерки и програми и преку своите 30 Центри за вработување во земјава излегува во пресрет на нивните барања и потреби.Токму затоа професионалноста и посветеноста во работењето на Центрите за вработување е основата за успешната реализација на активните мерки и програми за вработување“ – рече Мурати.
При посетата на Центрите, Мурати потенцираше дека во однос на Оперативниот план од 2021 година најголем интерес граѓаните на Струга и Охрид покажале за учество во мерката Самовработување која претставува поддршка наменета за невработените лица да започнат сопствен бизнис и мерката Практиканство преку која невработените лица се стекнуваат со практични знаења на работното место.
„150 невработени лица од Струга и 78 невработени лица од Охрид станаа претприемачи и отворија сопствен бизнис преку програмата Самовработување која овозможува финансиска поддршка од 307.500 денари или до 615.000 денари ,доколку се основа правен субјект од два содружника. 53 невработени лица од Струга и 67 невработени лица од Охрид учествуваа во мерката Практиканство и се стекнаа со практични знаења и вештини, со што станаа поконкуренти на пазарот на трудот.- изјави Мурати.
Директорот на АВРСМ Мурати информираше дека наскоро ќе започне реализацијата на новиот Оперативниот план за 2022 кој е креиран согласно потребите на пазарот на трудот, со цел намалување на невработеноста, зголемување на враболивоста на невработените лица, а со тоа и побрз економски развој на државата. За негова реализација се предвидени 28 милиони евра, (1.73 милијарди денари).