07.12.2021

Реконструиран Центарот за вработување Тетово



Шефот на Кабинетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Фатмир Сабриу и претставници на стручните служби на АВРСМ денеска го посетија Центарот за вработување Тетово кој беше комплетно реконструиран. Со тоа објектот доби современ лик и значително се зголеми неговата функционалност од која директен бенефит ќе имаат корисниците на услугите на АВРСМ.

 -За да се подобри функционалноста на овој објект беше потребна посветена работа и голема заложба бидејќи истиот не беше комплетно реконструиран од неговото основање.Сега Центарот за вработување Тетово доби нова фасада на зградата, беше променета кровната конструкција и прозорците, со што се зголеми енергетската ефикасност на целиот објект.Набавен беше и котел на палети кој значително ќе ги намали трошоците на греење на објектот кој досега се греше на струја.- истакна Сабриу во своето обраќање.

Раководителот на Центарот за вработување Тетово Арменд Салихи истакна дека и вработените во Центарот за вработување Тетово сега ќе имаат причина да бидат уште помотивирани во своето работење бидејќи просторните услови во кои сега работат се драстично подобрени.

 -Верувам дека нивното задоволство од работната средина ќе се преслика и во ентузијастички и уште попрофесионален однос кон корисниците на услугите на Агенцијата за вработување.Би сакал да истакнам дека е направена и реорагнизација на работата во самиот Центар за вработување и новиот воспоставен начин на функционирање веруваме дека значително ќе го подобри задоволството на корисниците на услугите на АВРСМ.- потенцираше Салихи.

Реконструкцијата на Центарот за вработување Куманово е финансиски поддржана од Европската Унија преку проектот „ЕУ за млади“, а за модернизацијата, санацијата и адаптацијата на објектот на Центарот за вработување Тетово беа издвоени 18.610.087,00 денари.