Агенција за вработување на Република Северна Македонија започна со имплементација на „Гаранција за млади“ во 2018 година, како пилот – активност во 3 центри за вработување (Скопје, Струмица и Гостивар), а во 2019 година се имплементира низ целата држава, со посебен фокус на три региони (Полошки, Североисточен и Југозападен), каде е најголем бројот на млади лица кои припаѓаат на категоријата NEET.

           Мерката Гаранција за млади им овозможува на младите лица до 29-годишна возраст, кои не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука (NEET), да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја од активните програми и мерки за вработување, во период од 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица во Агенција за вработување.

            Гаранцијата за млади започнува со мерките за активација на младите лица кои за првпат се евидентирани како невработени лица – активни баратели на работа (прилив). По евидентирањето во регистарот на невработени лица, лицата веднаш се упатуваат на нивното прво интервју со вработени во Агенција за вработување, кои вршат профилирање на нивната вработливост, користејќи контролен прашалник и изготвуваат Индивидуални планови за вработување. Овие планови ги дефинираат активностите кои му овозможуваат на младото невработено лице, во период од 4 месеци, да биде повторно вклучено во образовниот процес (не во редовното образование) или да биде вклучено во некоја од активните мерки или услуги за вработување, кои ќе му овозможат да ги зголеми своите можности за вработување или да му биде понудено соодветно вработување кое одговара на неговото образование и вештини. Активностите вклучуваат групно и индивидуално советување; обезбедување услуги за помош при барање работа; мотивациски обуки; вклучување во некоја од мерките за интеграција на пазарот на трудот (вработување, образование и мерки за обука).

         Во периодот 2020-2022, оваа мерка ќе биде поддржана преку IPA II програмата “ЕУ за младите”, во 3 региони (Полошки, Североисточен и Југозападен + Ресен).

За подетални информации за Гаранција за млади може да се информирате лично во центрите за вработување како и на телефонските броеви на ЛИНК