05.04.2022

Започна имплементацијата на Оперативниот план за 2022 : Објавени јавните огласи за мерките Самовработување, Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти

Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија денес ги објави првите јавни огласи за учество во дел од мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година. Невработените лица и работодавачите од денес ќе можат да аплицираат за учество во мерките Самовработување, Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти.

Поради големиот интерес за учество во програмата Самовработување оваа година е обезбеден највисок опфат до сега за нејзина реализација, односно е предвидена финансиска поддшка за отворање на сопствен бизнис за 2000  лица. Финансиската поддршка за едно лице да отвори сопствен бизнис изнесува 307.500 денари или до 615.000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника.

Преку мерката Практиканство 1620 млади лица до 34 години ќе имаат можност  да се вклучат на пазарот на трудот и да се стекнат со практични знаења на одредено работно место. Лицата што ќе се вклучат во Практикантство ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари месечно со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за период до 3 месеци.

Мерката Вработување и раст на правни субјекти пак овозможува работодавачите од микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации да го прошират и развијат сопствениот бизнис, со отворање на нови работни места.  

Мерката ќе опфати 262 невработени лица евидентирани во АВРСМ од следните целни групи:  млади лица до 29 години, корисници на гарантиранa минимална помош, невработени лица кои ги изгубиле своите работни места по појава на панадемијата Ковид 19 и Роми.

Невработените лица и работодавачите за учество во мерките може да аплицираат во 30 те Центри за вработување на АВРСМ . За мерката Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти постои можност за електронска апликација преку системот е- Работа , достапен на веб- страната на Агенцијата за вработување www.av.gov.mk.

За реализација на Оперативниот план за активни програми мерки и услуги за вработување за 2022 година предвидени се 1.8 милијарди денари, а ќе бидат опфатени околу 15 000 невработени лица.