ПОСРЕДУВАЊЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Посредување за вработување во земјата и странство врши Агенцијата за вработување.
Посредувањето за вработување Агенцијата го врши бесплатно и истото се спроведува непристрасно под услови и на начин утврдени со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Работодавачот потребата од работник може да ја задоволи со посредување на Агенцијата преку упатување на лице за вработување од евиденцијата на невработените лица кај работодавачот.
Посредувањето за вработување има за цел да им помогне на работодавачите да ги пополнат слободните работни места со квалификувани работници, а на невработените и други лица кои бараат работа да им помогне во вработувањето.
Работодавачот посредувањето за вработување го започнува со поднесување пријава за потреба од работник во центарот за вработување на чие подрачје е седиштето на работодавачот, односно местото на работење на работодавачот.
Пријавата за потреба од работник ги содржи условите што се бараат за работното место и начинот на пополнување на слободното работно место.
Агенцијата за вработување врз основа на пријавената потреба од работник кај работодавачот упатува невработени лица од евиденцијата на невработените, при што за секоја пријавена потреба од работник по барање од работодавачот Агенцијата му упатува од еден до пет невработени лица заради избор на работник.
Агенцијата за вработување, при пребарување на лица од евиденцијата на невработени, заради нивно упатување на разговор кај работодавачот, секогаш ги има предвид условите што се бараат за работното место наведено во пријавата за потреба од работник.
Доколку не изврши избор од упатените лица, работодавачот ја информира Агенцијата за причините за неизвршениот избор, при што Агенцијата му нуди на работодавачот обезбедување на работник по пат на обука, преквалификација или доквалификација и негова согласност за мерките што ќе ги преземе за обезбедување на потребата од работник.